Дијастема
Дијастема е термин кој го означува просторот помеѓу два соседни заби, најчесто помеѓу предните горни секачи. Овој простор најчесто се јавува како резултат на несоодветен однос помеѓу големината на забите и големината на вилицата во која се сместени, а исто така може да е предизвикана и од неправилна (пониска) поставеност на френулумот (ресичката) на горната усна. Со оглед дека формата, големината и поставеноста на забите, исто како и големината и обликот на вилиците се наследуваат од родителите, и за појавата на дијастемата големо влијание има генетиката – ако родителот има дијастема, има големи шанси да ја има и детето.
По правило, забите се во низа во која се допираат меѓусебно и меѓу нив нема простори. Ова сфаќање за естетиката е најшироко прифатено и во однос на него постоењето на дијастема или дијастеми е отстапување и претставува естетски проблем. Решавањето на овој проблем е ортодонтски или протетски
Под ортодонтско решавање се подразбира користење на ортодонтски направи – протези кои за одредено време ги поместуваат забите и ги затвораат просторите.
Предноста на ова решение е што е неинвазивно – забите остануваат онакви какви што се, само се поместуваат. Недостаток на ова решение е што дава најдобри ефекти кај помлади пациенти и тоа што за да се постигне саканата состојба потребно е повеќе време – најмалку неколку месеци.
Протетското решавање е со користење на протетски изработки – винири или коронки со кои се менува формата на забите и на тој начин се затвараат просторите.
Винирите се изработки од посебен вид на порцелан, имаат изглед на лушпи кои се лепат на површината на забите и изгледаат исто како и забите. Коронките можат да бидат од различен материјал при што најдобри естетски резултат даваат целосно порцеланските, безметални коронки.
Предност на протетското решавање е тоа што се постигнуваат брзи резултати (за неколку дена), тоа што со нив може да се коригираат и други недостатоци (бојата, формата и големината на забите) а недостаток е тоа што е потребно одредено состружување на забите.
Кај одредени случаи, можно е проблемот да се реши со поставување на композитни пломби со кои рамномерно би се пополнил просторот на дијастемата, но ова решение дава резултат само во случаи на помала дијастема, резултат и ваквото решение е со помала трајност.
На крај треба да се спомене дека дијастемите, просторите помеѓу млечните заби кај децата се правилна и нормална појава.
автор на тестот: д-р Александар Нечаковски
последна измена: 10.08.2008 |