За кариесот
Забниот кариес, познат и како расипување на забите, претставува хемиско-паразитарно заболување на тврдите ткива на забите кое доведува до нивно распаѓање и не може да се излечи со природните механизми на одбрана на организмот. Кариесот, заедно со грипот е најраспространета болест на човештвото -од неа боледуваат 95% од луѓето.
Кариесот е болест која скоро целосно може да се спречи. За да се постигне тоа, потребно е познавање на факторите кои влијаат на неговото почесто или поретко појавување:
Фактори кои влијаат на појавата на кариесот се:
Општи фактори
1. Наследност - Во некои фамилии кариесот е повеќе застапен од во други
2. Возраст - Кариесот се јавува помеѓу повеќе од 18-25 година после што стагнира и повторно се зачестува од 35-45 годишна возраст
3. Пол - Кариесот е позастапен кај женскиот пол, посебно во периодот на бременост и доење, како резултат на промените во усната празнина поради хормоналниот дисбаланс
4. Исхрана - Некои видови храна делуваат против настанувањeто на кариесот, а некои во негов прилог
5. Други болести - некои болести придонесуваат и до поголема појава на кариес ( рахитис, авитаминоза А )
Локални фактори
1. Обликот и поставеноста на забите - неправилно поставените заби се поподложни на кариес
2. Составот на плунката - при густа и леплива плунка, макар и обилна, кариесот е почест.
3.Хигиената на устата и забите - недоволното одржување на хигиена (четкање, користење на забен конец и сл.) го поттикнува кариесот.
Како настанува кариесот?
Бактериите од забниот плак ги разградуваат јаглехидратите (шеќерите) од храната и создаваат киселини кои го раствараат забниот емајл. Плитката пукнатина набрзо се продлабочува и кога процесот ќе стигне до дентинот, ширењето на кариесот е многу побрзо. Ако кариесот стигне до забната пулпа, каде што се сместени нервите и крвните садови на забот, забот се воспалува и може да се појави и апсцес - ограничена гнојна кеса на врвот од коренот (корените) на забот.
Кои се симптомите на кариесот?
Во почетокот забот е чувствителен на слатко или кисело, и на промена на температура - реагира на топло и повеќе на ладно. На површината се забележува бело-жолтеникава дамка која со тек на време се зголемува и/или станува потемна и се продлабочува. Кога ќе се воспали нервот се јавува силна, постојана болка а ако се формира апсцес може да се јави и оток и зголемена температура.
Како се лекува кариесот?
Ако кариесот е површен (ако не е зафатена и пулпата) лекувањето се состои во отстранување на размекнатите и инфицирани делови и исполнување на шуплината со пломба.
Ако забот е многу разорен, може да се јави потреба од изработка на коронка (навлака) за да се овозможи функцијата на забот.
Ако е зафатена и пулпата, најчесто е потребен ендодонтски третман - отстранување на пулпата, чистење и проширување на коренските канали и исполнување со трајно полнење по што се става пломба.
автор на тестот: д-р Александар Нечаковски
последна измена:
28.02.2010
|