Продолжување на клиничката коронка
Многу често, делот од некој заб или повеќе заби кој е видлив во устата (она што се означува како клиничка коронка) не е целосно ист со анатомската коронка од забот, односно делот кој треба да биде надвор од гингивата.
Понекогаш, линијата на гингивата е нерамномерна на група на соседни заби или на цела вилица – на некој заб гингивата е повисока, а на некој пониска, што не изгледа убаво.
Исто така, има случаи кога од различни причини постои дефект на забот (кариес) кој е во близина на гингивата или под линијата на гингивата.
Во други случаи, поради опсежно оштетување или траума на некој заб, останат е само мал дел од клиничката коронка.
Во сите овие случаи индицирано е изведување на една едноставна хируршка постапка која се вика продолжување на клиничката коронка (Clinical Crown Lengthening). Оваа постапка се изведува во локална анестезија (исто како при вадење на заб) и е целосно безболна.
Целта на оваа постапка е
воспоставување на клиничка коронка која одговара блиску до анатомската коронка
воспоставување на симетрија на гингивалната линија на група на заби
постигнувње на хармонична пропорција на клиничката коронка (должина наспроти широчина
добивање на пристап за санирање на дефекти кои се на друг начин недостапни (кариес под нивото на гингивата)
добивање на услови за надоградување и зачувување на заби кои се премногу оштетени
После изведувањето на интервенцијата за продолжување на клиничката коронка се остава период од неколку седмици (6-12) за заздравување на гингивата. После овој период се изведува, доколку има потреба, дополнителна реставративна, протетска или естетска терапија.
автор на текстот: д-р Александар Нечаковски 13.11.2021 последна измена: 13.11.2021 |