Бременоста и здравјето
на забите на мајката
Во народот постои погрешно мислење дека секоја бременост ја чини мајката
по еден заб. Наводното објаснување за ова е во фактот дека кај мајката
се зголемува потребата за калциум во организмот па тоа доведува до намалување
на калциумот во забите. Иако е точно дека кај мајката има зголемена потреба,
калциумот во забите е во облик кој оневозможува после никнувањето на забите
тој да се извлече од нив. Калциумот е во стабилно соединение (хидрокси
апатит) кое се фомира за време на создавањето на забите т.е. за време
на минерализацијата на забите и тој процес е неповратен.
За разлика од калциумот во забите, оној кој се наоѓа во коските (другото
минерализирано ткиво во организмот) е во форма која дозволува според потребите
на организмот тој лесно да премине во крвотокот, или од таму да се вгради
во коските.
Според тоа, доколку со храната не се внесува доволно калциум за покривање
на потребите на организмот, тој калциум би се извлекол од коските а не
од ткивата на забите.
Сепак, кај брементите жени се заблежува поголемо јавување на кариес -
причини за ова можат да бидат повеќе:
Во првите неколку
месеци, кај повеќе од половина од бремените жени се јавува зголемена
раздразливост на центарот за повраќање (како резултат на променетата
хормонална состојба). Повраќањето доведува до зголемување на киселоста
во усната шуплина, состојба која штетно влијае на емалјот на забите
и доведува до негова деминерализација.
Поради зголемената
концентрација на прогестеронот, гингивата („забното месо“) станува чувствителна
и бурно реагира, со знаци на воспаление - оток, црвенило, крвавење,болка
и друго. Поради присуството на оток, можно е создавање на т.н. „лажни
џебови“ во кои се задржуваат остатоци од храна и забни наслаги кои се
во контакт со површината на забот. Зголемената осетливост, отокот и
можното воспалување на гингивите делуваат до сериозни пречки во одржувањето
на хигиената на забите. Како последица на ова се јавува зголемено создавање
на забни наслаги, плак и зголемено присуство на бактерии кои како резултат
доведуваат до расипување на забите.
Дополнително
на ова, поради преокупираноста на идната мајка со нејзината нова состојба,
како и поради погрешното уверување дека стоматолошките интервенции за
време на бременоста се штетни, бремената жена ретко оди на редовните
контроли кај стоматологот
Како заклучок, може да се каже дека ниту една идна мајка која се грижи
за своите заби преку: редовно и правилно одржување на хигиена на забите
и устата, и редовно посетување на стоматологот и за време на бременоста,
нема да има повеќе расипани заби поради тоа што е бремена.
Кога треба трудницата да посети стоматолог?
Најдобро е посетите на стоматологот да се редовни и пред бременоста.
Сепак, веднаш штом се дознае за бременоста, треба да се направи преглед
, при кој стоматологот ќе ја посоветува трудницата за правилната нега
на устата и на забите, а доколку има потреба ќе ги замени сите лоши и
сомнителни пломби, ќе го исчисти забниот камен и забниот плак.
Дали забите смеат да се лекуваат за време на бременоста?
Забите можат, смеат и треба да се санираат за време на бременоста. Стоматологот
ќе го одбере најдобриот начин да ви помогне без да му наштети на плодот.
Дали за време на бременоста смее да се врши рендгенско снимање?
Доколку е потребно, забите можат да се снимаат и во текот на бременоста,
освен во текот на првите 12 недели кога би требало сосема да се избегнува.
По тој период, со употреба на исправен и современ рендген апарат и со
примена на редовните заштитни мерки може да се изведе рендген снимање.
Дали за време на бременоста смее да се врши вадење на заби?
Во случаи кога постои потреба, за време на бременоста смее да се врши
вдење на заб/и. Единствено, доколку е можно, подобро е оваа интервенција
за да се избегнува во првоте четири месеци и во осмиот месец на бременоста.
Пред вадење на заб, се препорачува консултација со гинеколог.
Дали за време на бременоста смее да се употребуваат антибиотици?
По поретходна консултација со гинеколог, за време на бременоста смее
да се употребуваат антибиотици, освен оние од групата на тетрациклини.
Доколку се употребат за време на бременоста, овие антибиотици можат трајно
да ги обојат забите, како и да предизвикаат нарушувања во развојот на
коските и на ноктите.
Бременоста
и здравјето на забите на идното новороденче
|